
Третото коло на Првата македонска фудбалска лига донесе изненадувања, но и погодоци на сите натпревари со што продолжува ефикасноста и на сите натпревари досега има погодоци.
Брегалница синоќа загуби од Шкендија со резултат од 4:1, по чистите мрежи во првото полуврме. Во вториот дел Трумчи постигна гол за отварање на резултатот во 61. минута, а пет минути подоцна Красниќи зголеми за резултат од 2:0. Штипјани се вратија во игра барем за бод откако Мартин Стојанов во 86. минута постигна гол за 2:1.
Сепак, вицешампионот од Тетово не дозволи изненадувања, Ндзенге и Зејнулаи од пенал во судиското продолжение ја потврдија победата од 4:1.
Вардар претрпе нов пораз откако загуби од Струга Трим Лум во гости со минимални 1:0, а трагичар на мечот беше Бабунски кој не успеа да реализира пенал во судиското надополнување барем за бод.
Вардарци претрпеа втор пораз во низа откако претходно загубија во дербито од Шкендија со 0:2, а стружани до минималната победа славеа со голот на Малески во вториот дел.
Дефинитивно стадионот во Кавадарци носи среќа за Шкеднија Арачиново, откако дебитантот по третпат пишува историја на Градскиот стадион. Тимот од Арачиново со минимални 0:1 славеше над Тиквеш со голот на Марко Симоновски, со што Тиквеш по одличниот старт и двете високи победи се соочи со прв пораз, а пак Шкендија Арачиново стигна до првата сезонска победа, со тоа тимот на Берат Имери стигна до прва историска победа во Првата лига.
Претходно, на овој стадион Шкендија Арачиново го совлада Осогово тогаш како третолигаш за влез во Втора лига пред две години, а минатата сезона на истиот стадион како второлигаш го совлада Пелистер за влез во елитата.
Силекс без проблеми триумфираше над Скопје на домашен терен со 3:0 преку головите на Хасукиќ кој погоди за отварање на резултатот, а во 60. минута Богдановски од пенал погоди за двојна предност. Во 78. минута Мишов беше стрелец за конечни 3:0.
Колото беше отворено со минималната победа на Арсими од 1:0 над Башкими во дуел за први бодови, а херој на мечот за тимот од Чегране беше Контрерас за прво славје на Арсими и први бодови. Башкими и со новиот тренер Шабан Сулејмани не успеа да дојде до позитивен резултат, но барем загуби минимално, а сега новиот тренер ќе треба да бара консолидација на екипата и резултатска стабилност во продолжение од шампионатот.
Во однос на табелата на врвот со максимални девет бодови е екипата на Шкендија, следува Силекс и Струга со по седум бодови, а четврти е Тиквеш со шест освоени бодови. На петтото место е Шкендија Арачиново која има четири бодови, а по три бодови имаат Брегалница, Вардар и Арсими за делба на шесттото, седмото односно осмото место.
Скопје е претпоследен со еден освоен бод, а на дното е Башкими без ниту еден освоен бод.
Статистички Силекс и Тиквеш имаат најдобри напади со реализирани десет погодоци, најдобра одбрана со по еден примен гол имаат екипите на Шкендија, Силекс и Струга. Статистички најлош е Башкими без ниту еден постигнат гол по три кола, а со дури 12 примени погодоци.
Александар Ванев, М-Нет