На инфективното одделение во Штип хоспитализитани 24 заболени од Ковид-19

На инфективното одделение при Клиничката болница во Штип има хоспитализирано 24 пациенти, од кои двајца од кочанскиот регион. Еден од вкупно хоспитализираните во текот на денешниот ден ќе биде испратен на домашно лекување, додека друг пациент, во текот на вчерашниот ден поради влошување на состојбата бил пренесен на Клиника за инфективни болести во Скопје. Истиот денес е со стабилна здравствена состојба.

Директорот на Клиничката болница во Штип, Ален Георгиев,  истакна дека четворица од заболените биле со потешка клиничка слика, односно повисока температура и кашлица, поради што имаат потреба од периодична кислородна поддршка.

На денешната прес конференција, Георгиев повторно апелираше до сите граѓани дека во оваа ситуација најважно е да се почитуваат сите препораки поврзани со корона инфекцијата и максимално да се заштитуваат.

Тоа се маски, дезинфекција и дистанца, оп сите, а посебно од незаштитените. Граѓаните мора да престанат да ги слушаат лажните вести, треба да ги игнорираат сите оние кои тврдат дека короната не постои, а во знак на почит на сите оние болни кои сега се борат со оваа болест, во знак на почит кон сите оние здравствени работници кои повеќе од три месеци се истрошија и ментално и физички, грижејќи се за здравјето најпрво на оние пациенти кои што се во болницата, грижејќи се за своето здравје, за своите деца и за своите најблиски – потенцираше Горгиев.

На новинарско прашање „Дали тоа значи дека има ист став со Комисијата за заразни болести дека граѓаните се виновни? “, Георгиев истакна дека не сака да му бидат наметнати туѓи зборови и дека сите, до некаде се виновни за ова што ни се случува.

Сите сме единки, без разлика на која позиција се наоѓа, кој не ги почитува мерките го зголемува ризикот да биде заразен и да ја пренесе заразата. Точка. Многу јасно. Затоа се овие апели. Ние сме сите луѓе кои имаме свои животи. Секој секаде може да биде заразен, без разлика на работа, во аптека, во маркет, во пиљара, во кафуле, во контакти со најблиските.

Ние сме мал град, со секојдневна комуникација и интеракција едни меѓу други, и секој може да биде носител, може да биде заразен од инфекцијата. Кривци нетреба да тражеме, само треба стриктно да ги поддржуваме овие мерки кои сме ги кажале, со цел да го прекинеме синџирот на ширење на инфекцијата. Тоа е, многу е просто, нема потреба кривци да тражеме – рече Георгиев.

Доколку се зголеми бројот на заболени со симптоми од овој вирус, се размислува пациенти од Одделението за неврологија да бидат префрлени на Интерното одделение, што претставува план Б, доколку има потреба од дополнителни кревети.