Вкупно шест медицински лица од штипската Клиничка болница заболени од Ковид-19

Според најновите информации, по препорака на Епидемиолошката служба, две нови медицински лица, вработени во Штипската Клиничка болница, кои се позитивни на КОВИД 19 се ставени во изолација.

Едната е на инфективно одделение, другиот медицински работник е од Одделот за физикална медицина и медицинска рехабилитација. Тие се двајца, позитивни, во однос на изолацијата, по препораки на епидемиолозите, тоа е нивна работа, тие ја вршат епидемиолошката анкета и проценуваат кој треба да оди во изолација, имаме до сега шест работници. Две докторки, три сестри и една лаборантка – рече Георгиев на денешната прес конференција.

Поради тоа, кон крајот на неделата се очекува „увоз“ на доктори од други градови.

Ќе има увоз од други градови, веројатно четврток или петок, ќе видиме како ќе се договориме со раководителот на Инфективниот оддел во нашата болница, ќе дојде докторката инфектолог од Струмица на помош одреден период, се` додека има потреба од неа – истакна Георгиев.

Во меѓувреме ќе се очекува епидемиолошка анкета за тоа дали и други вработени во Одделот за физикална медицина и медицинска рехабилитација ќе бидат испратени во самоизолација.