Над десет инспекциски надзори за два месеца во Општина Штип, Јорданов ги нарекува „лов на вештерки“

Инспекторите секојдневно ги чешлаат документите во Општина Штип и вршат инспекциски надзори, кои градоначалникот Јорданов ги нарекува „лов на вештерки низ општинските ходници“. Посочува дека ова е со цел да се искриви сликата за работењето на локалната власт и пред јавноста да се претстави дека работат незаконски.

„Не може државна институција – Завод за ревизија да констатира прекршување, неправилност, неодговорно работење, а Обвинителство и МВР да не постапуваат. Во исто време ние секојдневно по ходниците на Општина Штип и по институциите под Локална самоуправа имаме гонење на вештерки. Секојдневно се бараат документи, се прават извештаи и инспекциски надзори, се блокира работењето на оваа локална власт со банални инспекциски надзори сѐ со цел да се утврди неправилност и да се презентира пред јавноста дека некој незаконски работел“, вели Јорданов.

За само два месеца во Општина Штип имало над десет инспекциски надзори во кои, според Јорданов, во ништо, бараат нешто. Тој посочува дека овие пречки во работењето се на партиска основа и не треба да се премолчат.

„Повеќе од десетина инспекциски надзори од страна на институциите на централна власт, од страна на Обвинителство и МВР се покренати само во изминатите два месеца. Зарем тоа е нормално? Зошто овие околности не биле пред само две години, кога локална власт била партијата којашто ја уништи оваа Општина и го уништи ЈП „Исар“. Зарем треба да ги премолчиме овие работи?“, додава Јорданов.

Јорданов и локалната власт и претходно реагираа на несогласувања со централната власт. Пример за тоа е недоразбирањето со Министерството за транспорт и врски во врска со улиците во штипска Автокоманда или неможноста в.д. директорите на училиштата да полагаат менаџерски испит.

Ребека Спасова М-Нет