
Камери кои ќе ги регистрираат сообраќајните прекршоци на автопатите, експресните патишта, но и во градовите ќе се постават до крајот на летото. Ова денеска од Штип го истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој појасни дека целиот проект е за да се опфатат сите делови на државата. Ќе постојат и фиксни и мобилни уреди кои може да бидат поместувани на различни делови, а со цел да се опфати поголема територија од државата и проектот да се проширува.
„Во однос на поставувањето камери коишто ќе овозможат електронски да се заврши контролата не само на автопатите, туку и во градовите, ние веќе започнавме со реализација на целиот тој проект и јас очекувам дека можеме до крајот на ова лето да го инсталираме системот и да се започне со тој вид контроли“, истакна Спасовски.
Меѓутоа, сообраќајните контроли нема да се запостават, напротив, истите ќе се интензивираат, бидејќи, според Спасовски, даваат видливи резултати. На пример, на подрачјето на СВР Штип има намален број на возачи кои возеле под дејство на алкохол.
„Во однос на сообраќајните контроли, неколкукратно се зголемени тие контроли во текот на сите овие години, почнувајќи од 2017 година, па до денес. Резултатите коишто се постигнуваат се видливи. На подрачјето на СВР Штип имаме ист број на алкотестирања како минатата, меѓутоа возачите кои биле под дејство на алкохол се во помал број оваа година. Тука не треба да се застане, туку напротив, да се интензивираат тие контроли“, додаде Спасовски.
Апелот на Спасовски е дека треба да покажеме личен пример и да бидеме свесни дека брзото возење и конзумирањето алкохол при возење, како и останатите непочитувања на правилата и прописите оставаат сериозни последици. Пример за тоа е што за само неколку дена во две сообраќајни несреќи загинаа четири лица од Источниот Регион.
Ребека Спасова М-Нет