Младите василичари од село Видовиште се доказ дека традицијата не изумрела во општина Зрновци

Со познатиот извик „Сурова Нова година“ децата од најмалата општина во државата, Зрновци, и годинава ја продолжија традицијата за празникот кој меѓу народот е познат како Василица. Пари, бомбони, чоколатца, пијалоци, грав, ориз собираа младите суроваскари во селото Видовиште, кои ја посетија речиси секоја куќа и со тоа останаа верни чувари на традицијата во овој регион.

„Јас доаѓам од Видовиште. Одеме по куќите и пееме, викаме „Сурова“. Сѐ ни даваат, ракија, брашно, јајца, јаболка, чоколади“, велат децата.

Василица е меѓу ретките празници кои децата ги одбележуваат одделно од возрасните. Православната Нова година ја пречекуваат со посебни обичаи, игри и песни, кои се разликуваат од оние што ги практикуваат возрасните, а се блиски до обичаите и песните кои се иведуваат на Бадник. Во повеќето места децата прво околу заедничкиот василичарски оган пеат песни, а потоа одат и по куќите во селото или градот. Низ песните се искажуваат желби и благослови за родна година. Дечињата во Видовиште се доказ дека сѐ уште има кој да ја практикува традицијата, а особено во помалите места, каде и се практикува повеќе.

„Сѐ ни даваат, кој што има. Потоа го продаваме тоа што го собираме. Ние сме деца само што одат вака по куќите“, додаваат младите василичари.

Во некои краеви, според традицијата, децата од врата на врата тропаат со дренови гранчиња, кои симболизираат здравје, како за домаќините, така и за целата година во домот и семејството да биде здрава. Со прачките симболично и ги удираат луѓето, особено старите и болните деца, обичај што се вика суровење, а кој значи и тие да бидат сурови (здрави) како прачката. Тоа претходно се правело и со домашните животни, поради што домаќинот ги носел василичарите во шталата.

Ребека Спасова М-Нет