
Општините од Истокот се подготвуваат за големиот христијански празник Богојавление Водици. Локалните самоуправи во соработка со црквата организираат настани, а верниците се фрлаат во осветените води по светиот крст. Во Општина Штип до сега се пријавени 50 души за празникот, 40 кои по светито крст ќе скокаат во река Брегалница од мостот кај Астибовата градинка и уште десет пријавени кои ќе се фрлаат во штипско Ново Село. Овој број до петок ќе биде зголемен, оти пријавувањето е се уште во тек. На три локации крстот ќе се потопи во водите во Општина Карбинци. Градоначалникот Виктор Паунов очекува заинтересираност од страна на младите.
„Се работи за добро познати локации во три населени места, во Долни Балван, Карбинци и Таринци ќе се фрла крстот. Очекува да има заинтересираност кај младите за фрлање по светитот крст и порачувам празникот да помине во добро светло.“ – вели Паунов.
Злетово е единственото место во државата каде по светиот крст во Злетовска река традиционално скокаат само младоженци. Во Пробиштип може да се капат сите заинтересирани лица.
„Во Злетово во раните утрински часови во 7 часот во водите на Злетовска река ќе биде положен светиот крст, а по него исклучиво по стара традиција се капат младоженците. По тоа сме уникатни и единствени во целата држава. Потоа во 11 часот во Пробиштип на Аква паркот сите кои се сакаат да се фрлат по крстот имаат можност за тоа.“ – вели Илиевски.
Во петок ќе се осветат и водите на река Брегалница во Берово. Пријавувањето е до самиот празник, а веќе при крај се подготовките од страна на оопштината и црквата.
„Секоја година имаме меѓу 20 и 30 верници кои скокаат по светиот крст, ама точната бројка ќе се знае пред Водици оти до тогаш трае и пријавувањето“ – вели Пеќески.
Во Општина Кочани досега има пријавено околу 20 граѓани кои ќе се фрклаат по светиот крст во водите на Кочанска река, но бројката се очекува да биде меѓу 50 и 60 верници согласно праксата од претходините години.
Лаура Стојанова М-Нет