Седум пожари на оџаци за една недела изгаснале штипските пожарникари, бројот годинава е намален

За само една недела штипските пожарникари седумпати гаснеле пожар на запалени оџаци. Ако се земе предвид дека две интевенции биле викендов, може да се каже оти во просек секој ден се гаснел по еден ваков пожар. Сепак, командирот на ТППЕ Штип вели оти оваа бројка не е ништо во споредба со претходните години.

„Овој период за разлика од минатите години имаме намален интензитет на запалени оџаци, сепак имаме такви интервенции. Во последниот период, еве, за една недела имавме околу 7 запалени оџаци. Викендов имавме околу четири интервенции, две технички и два запалени оџака“, вели Коцев.

Освен запалени оџаци, нешто што е честа појава во текот на грејната сезона и претставува опасност за поголеми пожари, има и други интервенции. Пожарникарите од Македонска Каменица еднаш, а од Берово во два наврати викендов гаснеле пожари на отворено и покрај ниските температури. И во Штип има такви интервенции, но тие, очекувано, се во помал број.

„Освен оџаците, овој период имаме и запалени возила, сѐ уште има запалена сува трева на некои места, но, секако, овој период се најзабележителни пожарите на оџаци“, додава Коцев.

Командирот Коцев го повторува апелот за спречување пожар на оџак кој важи со години наназад, меѓутоа посочува дека граѓаните годинава, очигледно, се со повисока свест, зашто бројката на вакви интервенции е значително намалена.

„Како и секоја година, така и оваа година даваме апел до сите – редовно да ги чистат оџаците, еднаш до двапати барем годишно. Да внимаваат што ќе стават, да не ставаат ќесиња, пластики, бидејќи од ќесињата и пластиките се создава таа смола од која потоа доаѓа до запалување на оџаците“, апелира Коцев.

Освен во Штип, пожари на запалени оџаци се гаснеле и во Битола, Охрид и Тетово. И Центарот за управување со кризи алармираше оџаците да се чистат превентивно согласно со препораките на пожарникарите.

„Центарот за управување со кризи потсетува и апелира за превентивно дејствување против пожари на оџаци, иако е во ек грејната сезона и тоа требало да се направи порано. Редовното чистење оџаци го спречува нивното палење. Никогаш не е доцна, се разбира за тие што не го направиле тоа. Овој апел за чистење на оџаците е од причина што речиси секојдневно во грејната сезона има барем по едно известување за гаснење пожар на запален оџак. Тие пожари навидум не се опасни, но неретко од нив се палат и објекти и куќи. Конкретно, неодамна имавме извештај за четири такви интервенции во едно деноноќие, при што едниот запален оџак предизвикал палење на поткровје на куќа, кој, за среќа, брзо бил пријавен, по што пожарникарите го изгаснале.“ – велат од ЦУК.

Според податоците на Центарот, во последното деноноќие преку бројот за итни случаи 112 имало вкупно 1.642 повика, од кои 43,61% биле реални. Од реалните повици кон пожарникарите биле упатени 10,16%.

Ребека Спасова М-Нет