Мицкоски од Серта: Со Законот за пожарникарство ќе се подобрат условите за работа на пожарникарите

Два дена откако беа целосно изгаснати пожарите на планината Серта, премиерот Христијан Мицкоски ги посети луѓето кои несебично се вклучија во гасењето на огнените стихии. Од лице место посочи дека барем за сега нема опасност повторно да се појави пожар на ова место кое гореше цели две недели.

„Пожарот веќе неколку дена е целосно изгасен и нема ризик од него повторно разспламтување. Во овој момент во овој прв бран пожарникарите заедно со ЦУК и сите останати огнената стихија беше совладана.“ – вели Мицкоски.

Мицкоски упати голема благодарност до сите вклучени лица кои го жртвуваа сопствениот живот со цел да се стави крај на големите пожари на планината Серта. Посочи дека се работи на Законот за пожарникарство со што се очекува значително подобрување на условите за работа на пожарникарите.

„Ќе направиме големи структурни реформи во ЦУК, нешто кое е многу значајно, но отпочнавме и процедура за носење на Законот за пожарникарство со што значително ќе бидат подобрени условите за работа на овие луѓе. Изразувам огромна благодарност до луѓето кои изминатите недели ќе повторам го жртвуваа и својот живот за да се справат со огнената стихија.“ – додава Мицкоски.

На планината Серта гореше 13 дена, а огнот се гасеше од земја и од воздух. Изгоре голема површина трева, нискостеблести растенија, грмушки, со што еколошката штета е огромна. За да се врати барем приближно воправобитна состојба оваа планина потребен е еден век.

Лаура Стојанова М-Нет