
Поврзувањето на новата водоводна мрежа во Штип и денеска остави дел од населбите без вода за пиење. Градоначалникот, Иван Јорданов, упати јавно извинување до граѓаните и уште еднаш повика на трпение, додека да се реши проблемот и да се нормализира водоснабдувањето во градот. Свесни за потешкотиите со кои се соочуваат вели дека станува збор за зафат кој не се случил во изминатите 50 години.
„Сакам да се извинам на нашите сограѓани кои во текот на вчершниот и денешниот ден имаат проблеми со водоснабдувањето. Но, она кое е крајна цел е конечно решавање на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето на територија на Штип и зафат кој ќе служи за наредни 50 години. Јас сум свесен дека ова во кое влеговме е цел зафат и никој досега не се одлучил заради проблематиката и заради самата природа на работа.“ – вели Јорданов.
Последните поврзаувања на главната водоводна линија се очекува да бидат завршени во текот на денешниот ден и сите населени места во Штип да добијат вода за пиење. Во меѓувреме беа поставени цистерни за техничка вода, а домаќинствата добиваа и флаширана вода за пиење.
„Барам трпение и очекувам во текот на денот да добијат вода за пиење населбите во кои нема, а тоа се Ново Село, 8 Ноември, Исар, Пребег, Железничка, Три Чешми. А во текот на денот имаше цистерни со вода, а се делеше и флаширана вода“ – додаде Јорданов.
Јорданов посочи дека со решавање на овој проблем ќе се стави крај на дефектите со водоснабдувањето во градот во наредните 50 години. Во наредниот период фаза 2 предвидено е да започнат со изградба и резервоарите Пребег и Мери со што комплетно ќе се реши проблемот со ниска и висока зона и слабиот притисок на вода.
Лаура Стојанова М-Нет