
Продолжува посетата на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во градовите каде Локалната власт ја презедоа градоначалници од партијата. Денес беше на средба со градоначалникот, Љупчо Папазов, каде ја увидоа работата на три проекти. Мицкоски истакна е задоволен од градоначалниците согласно со досегашната состојба и сработеното.
„Ценам дека она што сме го ветиле и она за коешто сме обврзале за граѓаните, а сме го наследиле, ќе го надградиме со нови проекти со коишто сме излегле за време на кампањата. Јас сум прилично задоволен од овој почеток, за помалку од два месеца се направија многу работи онаму каде што бев“, додаде Мицкоски.
Како што истакна Папазов, станува збор за проекти во с. Тркање и во центарот на Кочани, а најважниот проект е замената на цевководот за водоснабдување кој не е променет речиси пет децении.
„Тоа е изградбата на колекторот и секундарната мрежа за канализација во с. Тракање со што го решаваме долгогодишниот проблем во ова село. Ја посетивме и улицата „Роза Петрова“, која неодамна беше асфалтирана, а во моментов се покрива тротоарската површина, со што граѓаните добиваат безбедна и широка улица во градот. Најважниот проект е замена на цевководот со кој градот се снабдува со вода за пиење“, додаде Папазов.
Мицкоски додаде дека посетите продолжуваат и во следниот период со цел да се продолжи работата и да се реализираат проектите кои како партија ги ветија во предизборниот период.
Ребека Спасова МНет