
Нелегалната сеча на дрва проблем кој се провлекува од година во година. Граѓани пријавија до редакцијата на М-Нет телевизија дека е забележано сечење и крадење на огревни дрва на крајот на пешачката патека во Штип. Меѓутоа, проблемот кој овде се јавува е како и каде граѓаните да ги пријават истите? Најголем дел од граѓаните не го знаат бројот на кој да пријават, друг дел велат дека не се јавуваат, ама сите согласни дека треба да има кодифициран број како на полицијата или брзата помош кој ќе може лесно да се памети и да биде достапен.
М-Нет телевизија разговараше со Командирот на Шумската полиција, Горан Трајков кој го добивме на неговиот приватен мобилен телефон. Меѓутоа тој истакна дека број за пријавување на нелегална сеча и кражба на дрва има и истиот е достапен 24 часа во текот на денот.
„Дежурен телефон, мобилен телефон на Шумска полиција, каде што ќе се добие директно дежурната патрола на Шумската полиција е 070 403 772. Тој број го имаат дежурните во полицијата и во Шумската полиција, на кој може директно да се добие Шумска полиција.“ – кажа Трајков.
Инаку и во билтенот на СВР Штип честопати се наоѓаат пријави во кои се фатени граѓани како бесправно сечат, пренесуваат или продаваат дрва. Од таму ни потврдија дека доколку граѓаните имаат потреба да пријават ваков случај тоа слободно може да го направат на телефонскиот број на полцијата, односно на бројот 192.
Лаура Стојанова М-Нет