ВМРО-ДПМНЕ го впери прстот кон својот коалиционен партнер ВРЕДИ по изборниот пораз во Брвеница, обвинувајќи го дека дејствувал во корист на ДУИ. Од ВРЕДИ, пак, децидни се дека ниту една политичка партија не може да ги контролира гласовите на граѓаните и дека нивната волја мора да се почитува.
Во соопштението по вториот круг од предвремените локални избори, ВМРО-ДПМНЕ го обвини ВРЕДИ дека не успеал да се издигне над етничките поделби и дека, наместо да се разликува од ДУИ, одиграл улога на „тројански коњ“.
„ДУИ, СДС, Левица, за жал, и ВРЕДИ како тројански коњ од една страна, а ВМРО-ДПМНЕ од другата страна. Ние сами против сите“, се наведува во соопштението.
Од партијата изразија жалење што нивниот коалициски партнер, како што велат, ја пропуштил можноста да покаже дека е поразличен од ДУИ и да се издигне над етничкиот национализам.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека на изборите настапила со програма за развој на општината, додека противниците повикувале на етничко гласање. Оттаму посочуваат дека нивниот кандидат Стојанчо Радичевски освоил околу 4.200 гласа во вториот круг, наспроти 3.000 во првиот, но тоа не било доволно за победа.
Од ВРЕДИ, пак, во својата објава нагласија дека изборите во Брвеница се одржале во слободен и демократски процес, без инциденти и прекршување на изборните правила.
„Ниту една политичка партија не ги контролира гласовите и не може да тврди дека тие ѝ припаѓаат. Гласовите им припаѓаат на граѓаните, кои се слободни да одлучат кому ќе му ја дадат својата поддршка“, порачаа од ВРЕДИ.
Од коалицијата оценија дека изборите во Брвеница покажале оти државата има уште многу работа во изградбата на сеопфатен граѓански модел.
„Граѓански модел не може да се гради со повикување на етничко гласање заедно со СДСМ и Левица. Затоа што таму каде што е Левица, таму не се Албанците“, се наведува во објавата на ВРЕДИ.
Оттаму предупредија дека во етнички разновидните општества секоја акција предизвикува реакција и дека таквиот пристап може да доведе до дополнителна поларизација, продлабочување на етничките поделби и назадување наместо напредок.
Текстот ВМРО-ДПМНЕ го обвини коалицискиот партнер ВРЕДИ дека бил „тројански коњ“ за ДУИ во Брвеница, ВРЕДИ, пак, вели: Никој не е сопственик на гласовите е превземен од МАКФАКС.