Михаил, Ведран, Теодор и Леонтина – „четворката“ родена на ГАК замина дома во Штип

Михаил, Теодор, Ведран и Леонтина, четворката родена на ГАК замина дома. Во текот на вчерашниот ден бебињата по 38 дена поминати на ГАК заминаа во семејниот дом во Штип. Оваа вест беше објавена на фејсбук страницата на Клиниката за гинекологија и акушерство.

„Во сигурните раце на мама и на тато, на 29 ноември замина нашата четворка – малата принцеза Леонтина и нејзините тројца браќа Михаил, Теодор и Ведран. Нашите мали но големи борци родени во 31 гестациска недела си заминаа во добра состојба по 38 дена поминати на одделението за интензивна нега и терапија. Михаил е роден со 1170 грама, а дома си замина со 1860 грама. Леонтина е родена со 1100, а ја испративме со 1810 грама. Теодор е роден со 1200 грама, а дома си замина со 1920 грама. Ведран е роден со 1370 грама, а од ОИНТ го испративме дома, во Штип, со 2000 грама. Докторите и медицинските сестри и акушерки од Клиниката за гинекологија и акушерство на овие мали јунаци им посакуваат среќно детство исполнето со многу здравје, а на среќните родители Благица и Александар полна куќа детска смеа, многу радости и топлина во домот што ќе им ја донесат овие четири мали сонца. Доктор Елена Ѓоргиевска Николовска, која „на свет“ ги донесе Михаил, Леонтина, Теодор и Ведран вели дека е прекрасно чувството сите четири бебиња заедно да се испратат дома и порача дека за сите кои беа дел од оваа среќна приказна, тоа било огромен предизвик.“, стои во објавата на фејсбук страницата на ГАК.

Оваа четворка е втора во Штип по 26 години. Веднаш по рагањето градоначалникот Иван Јорданов посочи дека од Општината ќе добијат еднократна парична помош, бесплатна градинка, како и плац ослободен од комуналии.

Лаура Стојанова М-Нет