
Македонска Каменица остана без второлигашки фудбал, откако фудбалскиот клуб Каменица Саса испадна во Трета лига – Исток, па од следната сезона во рударското гратче ќе се гледа третолигашки фудбал.
Каменица Саса која беше стабилен второлигаш, сезонава не успеа да се избори за директен оптанок откако заврши на 11. место со 36 освоени бодови, а учинокот на тимот беше девет победи, девет ремија и 12 порази, а тоа беше доволно за да се игра бараж за опстанок.
Во бараж мечот Каменица Саса се соочи со екипата на Еуромилк ГЛ, која беше шампион во Трета лига – Север на стадионот во Кратово, каде „рударите“ беа поразени со 2:1 од „лисиците“.
Димитар Стојановски го отвори резултатот за водство на Еуромилк, а потоа Каменица Саса која остана со играч помалку на теренот преку еврогол на Даријан Трајчов израмин на 1:1 во 73. минута. Кога многумина мислеа дека мечот ќе оди кон решавање во пенал серијата, најдобриот стрелец на Еуромилк постигна гол во 89. минута за конечни 2:1 и големо славје на тимот од Горно Лисиче, а херој на мечот беше стрелецот Орхан Мифтар, поранешниот прволигаш се врати во Втора лига по долги години.
Александар Ванев, М-Нет