
Втората македонска фудбалска лига следната сезона ќе има прволигашка конкуренција, дури пет екипи испаднаа од Прва лига и со сигурност сезона 2026/2027 ќе биде најсилната сезона во второлигашката конкуренција.
Поранешни шампиони, екипи кои играле во европските квалификации, екипи кои го освојувале Купот на Македонија од следната сезона во второлигашкото друштво.
Нови членови на Втората лига од Трета лига се екипи на Камјани и Еуромилк ГЛ. Екипата на Камјани која беше шампион во Трета лига – Запад на Градскиот стадион во Штип со сигурни 2:0 славеше над Победа Валандово, шампионот на Трета лига – Исток.
Но, двете екипи по мечот испратија порака дека фудбалот победи, а спортот обединува. Во фер и коректна игра на теренот, но и на трибините од страна на навивачите, двете екипи воспоставија соработка и во иднина ќе играат пријателски натпревари во рамки на подготовките.
Еуромилк ГЛ како шампион на Трета лига – Север зад себе имаше успешна сезона и во бараж мечот во Кратово ја доби Каменица Саса со 2:1, со што екипата од Македонска Каменица се пресели во Трета лига – Исток, а екс прволигашот од Горно Лисиче се врати во Втора лига.
Екипата на Кожуф со убедливи 4:0 го доби Борец, шампионот на Трета лига – Југ немаше сили да парира во бараж мечот кој се играше во Кочани, па така екипата од Гевгелија и следната сезона ќе игра во Втора лига. По мечот тренерот Иван Варадиновски си поднесе оставка, откако целта беше остварена, Кожуф останува во Втора лига, но ќе бара нов тренер за следната сезона.
Најголема победа во баражите за Втора лига забележа Тетекс кој на стадионот во Ѓорче Петров со 9:0 славеше над Влазними, екипа која беше шампион во Трета лига – Југозапад.
Брегалница како шампион на Втора лига за сезона 2025/2026 обезбеди директен влез во Прва лига, а пак Скопје како второпласиран го доби бараж дуелот со Брера Струмица во Битола триумфирајќи со 0:1 со што тимот од Автокоманда се врати во Прва лига по сезона 2022/2023.
Историја вчера се испиша одново на Градскиот стадион во Кавадарци, каде Шкендија Арачиново во пенал рулетот го доби Пелистер и за првпат ќе игра во Првата македонска фудбалска лига, на истиот стадион минатата година тимот од Арачиново славеше во баражот за влез во Втора лига, а една година подоцна го доби баражот за историски влез во елитата.
По 1:1 во регуларниот дел, откако Пелистер не реализираше пенал, голманот Антонио Столевски го одбрани ударот на капитенот Мирко Ивановски, битолчани во последните секунди од судиското надополнување стигнаа до гол за 1:1.
Во пенал серијата Столевски прочита три удари од белата точка и практично го однесе неговиот тим до историја наречена Прва лига.
Тоа значи дека Камјани и Еуромилк ГЛ како третолигаши се нови второлигаши, а од Прва лига во Втора лига испаднаа Шкупи, Македонија ЃП, Работнички, Брера Струмица и Пелистер. Нови прволигаши се Брегалница, Скопје и Шкендија Арачиново.
Александар Ванев, М-Нет