Куманово со петарда за Бутел, Шкендија Арачиново до нова победа, Еуромилк ГЛ ја декласираше ССК Нова

Лидерот Куманово со убедливи 5:0 славеше над Бутел во меч од 20. коло од Трета лига – Север. Сосема очекувана победа за Куманово кој до победата дојде со трите гола на Насковски, и погодоците на Исени и Томовски.

Еуромилк ГЛ немаше милост и со 0:12 го декласираше „фенерџијата“ ССК Нова. Павловски и Филиповски беа двојни стрелци, хет-трик забележа Стојан Стојчевски, по еден гол постигнаа Пеев, Триуфновски, Јаневски, Бакијов и Исмаиловски.

Фортуна со 7:1 го декласираше составот на ланскиот второлигаш Локомотива Пехчево. Мифтар беше стрелец на четири гола, а по еден гол постигнаа Авдулаи, Мемети и Синани. За гостинот единствен стрелец беше Јакуповски.

Башкими Љуботен на домашен терен со 5:2 го декласираше составот на Петровец во меч каде за домашниот тим Курти стрелаше двапати, а по еден гол постигаа Љутви, Мамути и Фетаи, за гостинскиот тим погодија Руфати и Јанев.

Кадино дома загуби со 1:3 од екипата на Аеродром која дојде до голема и важна победа за опстанок. За некогашниот второлигаш Спасевски беше единствен стрелец, а за гостинскиот тим двапати погоди Апостоловски, а Алексовски беше стрелец за конечни 1:3.

Беса Влазрими дома загуби со 2:4 од фаворитот Шкендија од Арачиново. За домашниот тим Демири беше двоен стрелец, а гостинот од Арачиново до овој триумф стигна со погодоците на Алији, Алити, Шаип и Беќири.

Мечот меѓу Риниа и БВК Коњаре не се одигра откако екипата на БВК Коњаре не се појави на теренот по 30 минути чекање.

Лидер останува Куманово со 52 бодови, Шкендија Арачиново е втора со 51 бод, на третото место е Еуромилк ГЛ со 45 бодови. Фортуна е на 4. место со 39 бодови, БВК Коњаре е петти со 33 бодови.

Беса Влазрими е шеста со 30 бодови, Кадино е седми со 28 бодови, Пехчево е осми со 25 бодови, Башкими Љуботен е деветти со 24 бодови. На 10. место е Риниа со 22 бодови, Аеродром е на 11. место со 21 бод.

Бутел е на 12. место со 14 бодови, Петровец е на 13. место со 12 бодови, а на дното без бодови е ССК Нова.

Александар Ванев, М-Нет