
Откако се врачи уверението на новиот градоначалник на Општина Штип, Иван Јорданов следуваше изненадување во кабинетот на градоначалникот. Имено, на примопредавањето не присуствуваше до сега актуелниот градоначалник, доктор Сашко Николов. Но, за Јорданов тоа не преставуваше пречка за да седне во градоначалничката фотелја и да ги преземе активностите за подобрување на условите за живот на граѓаните во градот под Исарот. Тој истакна дека неговта задача и обврска да биде присутен во кабиентот е исполнета.
„Најверојатно одговорот ќе треба да го побарате од него. Моја обврска и задача е денеска да бидам овде, да го примам уверението и да им служам на моите сограѓани.“ – додаде Јорданов.
Зошто претходниот градоначалник не присуствуваше на примопредавањето го прашавме него. Доктор Сашко Николов во телефонски разговор за М-Н ет телевизија истакна дека тој не бил известен за денешните случувања.
„Денеска не бев известен дека ќе има примопредавање и мислам дека денеска не е примопредавањето на новиот градоначалник, туку денеска новиот градоначалник го прими уверението од ОИК. Мислам дека утре или задутре треба да биде официјалното примопредавање и нормално ќе бидам таму да му ја предадам функцијата градоначалник на Општина Штип.“ – кажа Сашко Николов.
Зошто денеска тој не бил известен за случувањата и чива е надлежноста да го извести одговор побаравме и од Претседателот на ОИК, Виктор Вацев. Тој кажа дека не е во нивна надлежност.
„Наша задача беше врачувањето на уверението на новиот градоначалник, Иван Јорданов. За примопредавањето тие меѓусебе требало да се договорат. Зошто тоа не се случило не знам, а не е наша обврска да ги известиме кога истото ќе се случи“ – додаде Вацев.
За утре и двајцата и Николов и Јорданов истакнаа дека ќе бидат присутни во кабинетот на градоначалникот.
Лаура Стојанова М-Нет