Конвој од 18 возила и 61 пожарникар од Словенија пристигнаа во Берово, се гаси пожарот на Готен

Словенечкиот конвој од 18 возила утринава пристигна во Берово со цел да се помогне во гасењето на пожарите на плнаината Готен. Со специјални возила за гасење шумски пожари и добро опремени возила словенечките пожарникари на терен ќе го гасат пожарот од земја, а има и воздушна поддршка од чешкиот „блек хог“.

„Овде на лице место во Берово пристигнаа 61 пожарникар од Словенија со 18 возила од кои дел се специјални за гасење шумски пожари. Тие се на терен а како поддшка од терен доаѓа чешкиот блек хог. Моја проценка е дека за неколку дена пожарот ќе биде ставен под контрола“ – вели Ангелов.

Утринава во Општина Берово се одржа и кризен штаб на кој се донесоа одлуки и заклучоци како и на кој начин да се делува во текот на наредните денови, за целосно да се изгасне пожарот.

„Критично населено место нема. Најблиску до жариштето на огнот е населеното место Владимирово“ – вели Пекевски.

Словенечките возила беа сместени на стадионот во Берово, каде ја поставија и нивната опрема, и создадоа свои услови за престој за наредните неколку дена.

„Седум од возилата со кои пристигнавме денеска се специјални возила за гасење на шумски пожари. Останатите се логистиќка поддршка, менаџмент и интервенција. Има 61 човек, од кои 42 пожарникари, доброволци кои пристигнаа овде,. Тука ќе бидеме во наредните седум дена, но доколку има потреба ќе направиме ротација со друга екипа“ – вели Чкрљ.

Во оваа прилика Ангелов повторно упати апел до граѓаните да го изораат просторот пред своите куќи и викендици со цел да се намали можноста од ширење на пожарите.

Од радовишка страна пожарот на планината Готен е ставен под конторла.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет