
Изградбата на нова детска градинка со капацитет од 130 деца, изградба и реконструкција на улици и патишта, втората фаза од реконструкцијата на салата АСНОМ и набавка на опрема за салата се клучните капитални проекти на кои ќе се работи во Делчево годинава. Освен средства за капитални ставки, планирани се и средства за социјални трансфери како еднократна парична помош, помош за новороденчиња, исплата за првачиња, стипендии за студенти и слично. Ваква е конструкцијата на Буџетот на Општина Делчево, но кои се потребите на граѓаните?
Советот на Општина Делчево го донесе Буџетот на Општина Делчево за 2024 година кој е во износ од 365 милиони денари или близу 6 милиони евра. Планираните капитални расходи во Основниот буџет, како што велат од Општината, во најголем дел се однесуваат за изградба и реконструкција на улици и патишта, за кофинансирање за изградба на капитални проекти, за изградба и реконструкција на водоводи, за изготвување нови проекти. Како што истакна раководителката на Одделението за буџетска контрола, сметководство и администрирање на даноци Буџетот за 2024 година е развоен, затоа што најголем дел од проектираните средства се расходи наменети за капитални проекти.
Проектираната вредност на капиталниот проект – нова детска градинка е 60.000.000 денари, а за изградба и реконструкција на улици и патишта ќе се инвестираат нешто повеќе од 25.000.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет