Делчево, Пехчево, Берово ќе добијат меѓуградски автобуски превоз по законските измени

Жителите од Источниот Регион речиси и да немаат опција меѓуградски да патуваат со автобус. Со овој проблем особено е затекнат крајниот Исток на земјава, зашто жителите на Делчево, Пехчево, Берово, Македонска Каменица за лични потреби до Штип, Кочани или главниот град – Скопје како превозно средство мора да изберат меѓу такси, сопствено возило, патување со некој познаник или барање превоз во групи. За такси во двата правца на релација Делчево – Скопје и обратно жител на Делчево треба да издвои околу 6.000 денари. Од Македонска Каменица до Кочани, пак, превоз со такси чини околу 700 или 8.000 денари. Со проблемот најзасегнати се постарите граѓани кои имаат честа потреба од лекарски прегледи.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, вели дека решение на овој проблем веќе има, односно измените на Законот за превоз во патниот сообраќај се во собраниска процедура.

„За овој проблем веќе разговаравме со градоначалниците, со граѓаните од овој регион. Веќе имаме законска измена којашто е во Собранието со цел да може да се врши превоз и од т.н. некатегоризирани станици од регионот, коишто со сегашното законско решение не можеа да бидат стартна или завршна точка на превозот. Од тој аспект сакам да истакнам дека веќе е најдено законско решение. Јас очекувам дека час поскоро ќе се изгласа од пратениците и со тоа ќе се надмине и овој проблем“, рече Бочварски.

Делчево и Македонска Каменица се дел од општините кои немаат категоризирана автобуска станица. Во оваа група, како што е наведено во образложението на предлог-законот, се и Виница, Берово, Пробиштип, Кратово, Пехчево и други. Со измените условот ќе се избрише, па превозници ќе може да аплицираат и да добијат дозвола за меѓуопштински линии без градот да има категоризирана автобуска станица.

Бочварски не посочи контретен рок кога ова би се случило, само рече оти тоа останува на пратениците, а тој се надева дека тие проблемот ќе го решат експресно брзо.

Ребека Спасова М-Нет