
Следната натпреварувачка сезона 2024/2025 во Првата македонска фудбалска лига ќе се натпреваруваат 12 екипи.
Шампионот Струга Трим Лум, Шкендија од Тетово, Шкупи, Тиквеш, Силекс од Кратово, Гостивар, Брера Струмица, Работнички, Воска Спорт, Вардар кој преку бараж избори опстанок, повратникот Пелистер, и новајлијата Беса од Добри Дол која за првпат ќе се натпреварува во фудбалската елита на Македонија.
Минатата сезона од лигата директно испаднаа Брегалница како последнопласиранат и Македонија ЃП која заврши на претпоследното место, со што овие две екипи се нови второлигаши. Вардар играше бараж со Детонит Плачковица и успеа да се избори за опстанок.
Струга Трим Лум ја одбрани титулата во домашното првенство и втора година по ред е шампион, додека пак Шкендија заврши на второто место и си обезбеди „виза“ за излез во Европа.
Во Европа излегува и Тиквеш, кој го освои Купот на Македонија откако славеше со 2:1 над Воска Спорт од Охрид. За Тиквеш ова е повеќе од успешна сезона откако заврши на четвртото место во лигата и го освои Купот кој го носи во фудбалска Европа.
Новата сезона од Првата македонска фудбалска лига треба да започне во вториот викенд од месец август.
Александар Ванев, М-Нет