Каменица Саса убедлива против Кочани, два гола на Ана Димитровска, Љуботен изби на врвот од табелата

Каменица Саса без проблеми стигна до убедлив триумф на гостувањето кај Кочани, откако во мечот од осмата рунда на Првата женска фудбалска лига славеше со високи 0:4.

Сосема очекувана беше победата поради големата разлика во квалитет меѓу двете екипи. Само девет минути беа потребни за „рударките“ да го отворат резултатот преку гол на Јована Петрушовска за водство на Саса од 0:1. Потоа следуваа два брзи гола откако во 20. минута капитенот Ана Димитровска погоди за двојна предност, пет минути подоцна Селим Туркоглу стрелаше за високи 0:3 на полувреме.

Во вториот дел печат на големата победа стави Димитровска со нејзин втор гол за конечни 0:4.

Љуботен е нов лидер откако славеше со 3:1 преку пресврт на домашен терен против Ас Јунајтед, меч каде погодоците паѓаа во вториот дел од натпреварот, со што тетовскиот тим го искористи „киксот“ на шампионот Скопје, кој дома одигра 1:1 против Пелистер и го препушти првото место на Љуботен.

Вардар славеше убедлива победа на гостувањето кај Речица од 0:6 за втора сезонска радост, додека пак Тиверија Брера пред домашната публика со 7:0 го доби Истатов.

На табелата има пет екипи кои ќе се борат за титула, останатите веќе имаат сериозно бодовно заостанување и битката ќе биде најмногу до шестото место.

Љуботен е лидер со 20 бодови, шампионот Скопје е втор со 19 бодови, а пак Пелистер е на третото место со 17 бодови. Тиверија Брера и Каменица Саса со по 16 бодови го делат четвртото место.

Веднаш голем пресек на табелата. Ас Јунајтед е шести со осум бодови, седми е Вардар со седум бодови, Истатов се спушти на осмото место со шест бодови, Речица е во бараж зоната како претпоследна со четири бодови, на дното е Кочани со само еден бод.

Љуботен е единствениот непоразен тим во првенството, најмногу победи по шест имаат Љуботен и Скопје, најмногу порази има Кочани, вкупно седум, а овој тим е единствен без триумф. Во однос на гол разликата, најдобра одбрана има Скопје, со само пет примени погодоци, најлоша одбрана има Речица со примени 42 гола, најефикасен напад има Тиверија Брера со постигнати 42 гола, најлош напад имаат Кочани и Истатов со по шест постигнати гола во осум меча.

Александар Ванев, М-Нет