Италијанскиот гигант Алијанц Милано пресилен за Штип УГД – штипските одбојкари имаа поддршка од полна сала!

Италијанскиот гигант Алијанц Милано се покажа како голем и тежок предизвик за македонскиот вицешампион Штип УГД, без било какво изненадување италијанскиот тим се покажа во моќно издание и со 0-3 во сетови славеше над штипскиот тим во 1/16 финалето од Челинџ Купот, во меч кој се одигра во Радовиш.

Уште во првиот сет италијанците најавија дека ќе доминираат откако го освоија сетот со 12:25, а веќе во вториот сет само ја повторија одличната игра со 14:25.

Во третиот сет Штип УГД освои повеќе поени, но сетот го загуби со 20:25 за конечни 0-3.

Сепак Алијанц Милано е тим од светски ранг како што истакна и тренерот на Штип УГД, Кристиан Ристески на прес-конференцијата пред мечот, тимот од Милано е составен од репрезентативци на Италија, Бразил, Финска, Јапонија, Белгија – што само укажуваше дека разликата и во квалитетот е голема.

Штип УГД одлично се претставува на европската сцена во својата дебитантска сезона, откако претходно македонскиот вицешампион го елиминираше норвешкиот Кол Ил од Осло.

Реваншот од мечот меѓу Штип УГД и Алијанц Милано ќе се одигра на 6 јануари 2026 година на италијанско тло.

Александар Ванев, М-Нет