
Утре и официјално ќе се комплетира есенската полусезона во Втората македонска фудбалска лига со мечот во Радовиш каде Детонит Плачковица ќе го пречека тимот на Скопје во рамки на 15. коло.
Со овој натпревар ќе го имаме и конечниот изглед на табелата, а истиот ќе можете да го следите во живо на М Нет телевизија со почеток од 13 часот со директен пренос од Градскиот стадион во Радовиш.
Овој натпревар ќе биде важен и за двете екипи бидејќи со триумф може да напредуваат на табелата. Детонит Плачковица со реми или победа ќе презими на седмото место односно ќе го помине Осогово, а со пораз ќе остане осми до блиску до бараж зоната. Екипата на Скопје само со триумф може да биде четврт односно да ја скокне Беласица на табелата, со реми или пораз останува на петтото место.
Натпревар е последен од Втората лига за 2025 година, а истиот се очекува да биде неизвесен каде тимот на Скопје ќе бара дури прв триумф во меѓусебните дуели со Детонит Плачковица, бидејќи досега овие две екипи се соочија со четири пати, од кои радовишани трипати беа подобри, а нивното последно меѓусебно соочување заврши без победник 2:2 од 8 март 2025 година односно од ланската сезона.
Дали Скопје ќе има прв меѓусебен триумф, или пак Детонит Плачковица ќе дојде до трите бодови – следете утре, петок од 13 часот на М Нет телевизија преку директен пренос од Радовиш.
Александар Ванев, М-Нет