
Успешно завршен проектот за чистење на спомениците на Исарот. Директорот на НУ Завод и музеј Штип, Митко Штерјов истакна дека спомениците се исчистени и на дел од нив од почеток се напишани буквите. Нешто повеќе од еден месец се работеше на терен за чистење на овие споменици, за кои наредната година ќе се прослави јубилеј половина век од нивното поставување. Штерјов истакна дека искрено се надева оти граѓаните ќе ги чуваат културните наследства и дека спомениците на Исарот чисти ќе го дочекаат својо јубилеј.
„Ние пред некој ден го завршивме проектот за санација и чистење на спомениците на Исарот. Спомениците се во целост исчистени, средени, буквите се од почеток напишани така да можам да кажам дека успешно е завршен овој проект кој беше финансиран од Министерството за култура, а го спроведе НУ Завод и музеј Штип. Сите споменици се во состојба која претходно биле, догодина се чествува 50 години од поставувањето на овие споменици и се надевам дека ќе останат во оваа состојба како денеска“ – вели Штрејов.
Штерјов вели дека тие како установа уште пред неколку години имало изготвено проект за чистење на сите спомен обележја на теритроија на Штип. Се надева на соработка со општината со цел реализација на ваквите проекти.
„Ние уште пред некоја година имавме изготвено проект за сите спомен обележја во градот, ама тие не се во наша надлежност, тие се во надлежност на општината. Се надевам дека соработката ќе продолжи, финасирањето и не е толку многу ама ќе треба тој проект да се дополни и да се среди.“ – додаде Штерјов.
За чистење на овие спомен обележја беа издвоени околу 350 илјади денари, пари обезбедени од Министерството за култура, а чистењето на терен го спроведоа вработени во штипскиот музеј и преставници од музејот Македонија. За спомниците на Исарот е предвидено да се води повеќе грижа во иднина и да биде заштите како споменик на културата.
Лаура Стојанова М-Нет