
Интересот за спорт и спортски активности кај младите во Штип е во постојан раст, односно децата од мали се насочуваат кон спортски активност преку кои во иднина би имале можност да бираат кон кој спорт ќе се насочат и ќе започнат професионално да спортуваат.
Штип е град на спортот каде се организираат многу спортски настани преку кои децата ги прават првите чекори со спортски активности. Таков е случајот и со детската трка „Децата под Исарот“ каде децата од четиригодишна возраст може да учествуваат и да ги направат првите чекори кон спортот, а потоа да се определат во иднина кон кој спорт би продолжиле.
„Трката „Децата под Исарот“ која што ја организираме веќе ги чувствуваме тие вибрации од претходните две години, бидејќи дечињата веќе се насочија кон одредени спортови и тоа е многу позитивна работа за нашето општество. Бидејќи децата почнуваат уште од најмала возраст да се занимаваат со рекреативни спортови за во иднина да се насочат во некој од спортовите да продолжат професионално. „Децата под Исарот“ останува еден позитивен впечаток во нашата општина врз дечињата, бидејќи се насочуваат кон самодисциплина, другарство, емпатичност, социјализација“, вели Кристијан Костов за М Нет телевизија, кој ја организира детската трка „Децата под Исарот“.
Голем ефект кон будење на спортскиот дух кај децата има и спортската манифестација „Пролетни денови на училишниот спорт“, каде дел од децата по првпат започнувааат со спортски активности, преку кои во иднина ќе имаат можност да одберат кон што да се насочат, дали тоа би било фудбал, кошарка, атлетика, шах, одбојка, пингпонг, борење или пак некој друг спорт.
„Секоја година земаме еден поголем замав, децата се одлучуваат во кој дел ќе се активираат. Има и помали кои што со овие активности го засакуваат спортот и се одлучуваат да тренираат одбојка, да тренираат ракомет, фудбал, шах… така да, ние сметаме дека оваа цел ја исполнуваме, масовноста и децата да бидат опфатени со спорт“, вели претседателот на училишен спорт на Штип, Зоран Арсов, во неговото гостување во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија.
Како што вели Костов, една од целите на детската трка „Децата под Исарот“, која има поддршка од општина Штип и градоначалникот Иван Јорданов, е децата да бидат среќни, да се дружат, да го сакаат спортот, притоа Костов во изјава за М Нет телевизија дополнува дека е многу среќен кога ќе ги види децата како играат разни игри низ маалските улици.
„Веќе гледаме и дечињата се сплотени разни игри низ маалата, разни игри на терените и тие маички што ги даваме што ги следуваат дечињата, кога ќе погледнеме низ центарот, низ нашиот град, буде убав впечаток. Дружбата и тркат придонесе да се дружат дечињата и надвор од сите активности што ги имаат, да се препознаваат кога ќе се сретнат низ нашите улици, тој впечаток да се надеваме дека ќе трае многу долго“, дополни Костов.
Спортската манифестација „Пролетни денови на училишниот спорт“ се реализира од страна на Сојузот на училишен спорт на Штип во соработка со општина Штип, манифестација која годинава се одржува по третпат, а сега збогатена и со други спортови.
Овие активности се потврда за интересот кон спортот кај младите во Штип, а голем интерес се буди и за билјардот како спорт, а градот под Исарот го има и првиот професионален клуб за овој спорт, кој од неодамна се пресели во новите простории кај Градскиот стадион во Штип.
„Веќе многу поголем интересот за овој спорт и се надеваме дека со оваа што го правиме ќе имаме поголем напредок. Клубот започна со само пет членови, моментално клубот брои 15 члена, возраста ова не е важна, секој што е љубител на овој спорт може слободно да не контактира“, вели Кире Донев од билјард клубот Штип за М Нет телевизија.
Во последните две години голем интерес има и за шахот, каде што шаховскиот клуб Нов Напредок има и своја младинска школа.
Александар Ванев, М-Нет