
Интересот за вакцинација кај децата под 18 години во Штип мал. Надлежните немаат конкретен број на пријавени деца кои би требало да се боцкаат со Фајзер, но апелираат децата помасовно да се пријават за вакцинација. Освен децата во Здравствениот дом Панче Караѓозов во Штип, може да се вакцинира секој граѓанин кој сака да се имунизира без закажан термин со кинески Синовак.
„Интересот кај децата не е многу голем. Очекуваме дека во иднина ќе имаме многу поголем интерес од страна на родителите за да ги вакцинираат своите деца“, рече Иле Постолов, заменик координатор за вакцинација.
И бројката на пациенти кои се пријавуваат за домашно вакцинирање не е голема, за денеска има закажано десет, а во текот на вчерашниот ден вакцинирани се одум. Меѓутоа надлежните медицински лица велат дека во Штип и околината овоа не е новост бидејќи тие во домашни услови правеле посета за вакцинација уште со почетокот на имунизацијата, и поголем број од старите, болни и изнемоштени лица веќе примиле барем прва доза вакцина.
„За денеска имаме закажано десет домашни посети, коишто треба да се реализираат во текот на денот кога ќе екипите ќе бидат спремни да излезат на терен“, додаде Постолов.
Во меѓувреме, околу 200 пациенти денеска имаа закажно за ревакцина во салата „Јордан Мијалков“ во Штип. Вакцини има, а се очекува да стигнат и нови пратки. Министерот за здравство, Венко Филипче, повикува на масовна вакцинација сега за да не дојде до нов ковид бран, бидејќи, како што истакна тој, оваа година го имаме најважниот инструмент – вакцината.
„Зарем има поголем знак, поголем сигнал за тоа колку вреди вакцината од она што бевме сведоци и гледавме минатата година, кога имавме работа со болест за којашто нема вакцина? Сега имаме, технологијата, медицинската технологија минатата година брзо го сработи својот дел. Неколку типови на вакцини се присутни. Огромен е процентот на ефикасност. Сега со една силна масовна вакцинација мора да покажеме и докажеме ние како општество сме спремни со таква масовна вакцинација да го видиме и ефектот и ефективноста од така силно ефикасните вакцини“, рече Министерот за здравство, Венко Филипче.
Дополнително од Министерството за здравство истакна дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови во државата.
Лаура Стојанова МНет