Извршена депопулација на свињите во најзагрозената зона

Предвидените мерки за заштита од африканската свинска чума речиси три години од донесувањето сѐ уште не се реализираат. Ова е главната причина, смета претседателот на Групацијата на производителите на свинско месо, Тоде Атанасовски. Од 2019 година, донесените одлуки и мерки се само на хартија, а никако да се спроведат во пракса и да се видат на дело. Според Атанасовски, ако и понатаму се игнорираат штетата ќе биде од 50 до 60 милиони евра во свињарството и повеќе од 160 милиони евра за повеќе загрозени сектори.

Во однос на мерките кои се во тек и кои се реализираат како резултат и решение од првиот случај на африканска свинска чума во земјава, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски, истакна дека се спроведуваат. Извршена е депопулација на сите свињи во најзагрозената зона со радиус од три километри од потврдените жаришта. За секоја свиња која принудено е заколена, Бабовски рече дека ќе има обештетување, односно соодветна финансиска компензација за одгледувачите.

„До денес уништени се 195 свињи. На овој потег во радиус од три километри немаме ниту една жива свиња, направена е депопулација со тоа што лешевите од овие животни се депонирани во сточна јама во општина Делчево, каде се преземени сите мерки за да не дојде до ширење на вирусот. Во наредниот период ќе продолжиме со мерката за депопулација во радиус од десет километри“, вели Бабовски.

Инаку, првиот случај на африканска свинска чума беше потврден на 6 јануари годинава во делчевското село Драмче. Оттогаш забранет е лов на ловиштата од Истокот и со решение определени се мерки за спроведување попис и клинички преглед во сите одгледувалишта најдоцна до 31 јануари годинава.

Ребека Спасова М-Нет