За 50% поскапа ѓубретарина – реагираат од СДСМ Карбинци, од Општината вратија со проекти

Жителите на општина Карбинци од денес ќе плаќаат за 50% повисоки сметки за ѓубретарина, реагираат во писмено соопштение од ОО СДСМ Карбинци. Како што стои во истото, жителите на општината, не заслужуваат ваква неспособна, неодговорна и ненародна локална власт, која нуди поскапи услуги.

„Неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ со управувањето и менаџирањето на ЈП „Плачковица“ – Карбинци ќе ја платат жителите со повисоки сметки за ѓубретарина. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, со поддршка од советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ во вториот обид, на седницата одржана на 29.6.2023 ја покачија за 50% ѓубрарината за домаќинствата и правните лица во општина Карбинци. Наместо да биде сервис на граѓаните и да го оправда неговиот мандат добиен од неговите гласачи, тој едноставно понуди нефункционално јавно претпријатие, поскапи услуги за жителите на општината.“ – стои во реакцијата на ОО СДСМ Карбинци.

Од Општина Карбинци, пак, ги наведоа проектите на коишто работеле периодов и со тоа потенцираа дека работеле за напредок и просперитет на сите кои живеат во неа за разлика од, како што велат, безидејната, неспособна и криминална власт раководена од СДСМ.

„Општина Карбинци работи за подобрување на условите за живот со конкретни проекти како што се:

1.Уредување и трајно затворање на локалните депонии;

2.Уредување и редовно одржување на јавите зелени површини;

3.Докомплетирање на филтер станицата на ХС Злетовица заедно со цевководи од 18 км и изградба на пристапен пат;

4.Изградба на нова водоводна мрежа за селата Долни Балван и Нов Караорман;

5.Изградба и реконструкција на детски изгралишта од современ карактер.“ – вратија од Општина Карбинци.

Ребека Спасова М-Нет