Штипскиот Основен суд и Општина Штип во спор за паркинг-просторот пред судската зграда

Општина Штип и Основниот Суд во спор за паркинг просторот пред судската зграда. Просторот кој го користеа Апелациониот и Основниот суд, Вишото и Основното Јавно обвинителство, како и Државното правобранителство претходно беше затворен со рампа, а таму има поставено информативна табла на ЈП „Стипион“ која сигнализира дека истиот се наплаќа, со што е слободен за паркирање за сите граѓани. Прашањето кој може да го користи паркингот прво го упативме до Јавното претпријатие и Општина Штип. Посочуваат дека таму има 15 паркинг-позиции кои се јавен простор и на кои се наплаќа паркинг, па поради таа причина рампата не е во употреба. Местата на Општината, велат од таму, се обележани со бела боја, а оние на институциите со жолта.

Од Основниот суд во Штип, пак, велат дека за паркинг просторот во моментов се води предмет кој е вратен на повторно одлучување. Со Решение на Градоначалникот, во јули 2022, е одобрено користење на вкупно седум паркинг места за сите корисници од судската зграда, а за Општина Штип се определени десет паркинг-места од постоечките. Меѓутоа, ова Решение е поништено по жалба на Основниот суд. Локалната самоуправа ја уважила жалбата и со Решение го поништила претходното наведено Решение, а предметот е вратен на повторно одлучување.

„Согласно Правилник за просторно планирање, (Сл.весник на РСМ бр.225 од 18.09.2020 година) е дефинирано што е Паркинг место и паркинг простор, како и видовите на паркинг простори, а е определен начинот на пресметување на најмалиот потребен број на паркинг места според намената на земјиштето и градбите и нивната големина, кој ќе се утврди во урбанистичкиот план, а како планска одредба се користат следните нормативи: В4 – Државни институции – според кој се определува по 1 паркинг место на 5 вработени плус 10%, но најмалку 2 места“, стои во одговорот на Барањето за информации кое го испративме до Основниот суд во Штип.

Во однос на прашањето, дали ЈП „Стипион“ наплаќа паркинг таму, како и за поставената информативна табла, од Основниот суд велат дека немаат добиено официјално известување за преземање на вакви дејствија од страна на Општина Штип, ниту, пак, имаат сознанија за такво нешто.

Од Основниот суд додаваат дека во зградата пристап секојдневно имаат повеќе стотици лица – вработени, странки и други заинтересирани лица, како и службени лица од различни профили, а се носат и обвинети лица со полициска придружба. На сите нив им е неопходен непречен пристап до истата, велат од Судот и посочуваат дека комерцијалното паркирање претставува ризик и потенцијална опасност.

Ребека Спасова М-Нет