
За една година од денеска целосно ќе биде решен проблемот со водоснабдувањето во Штип, вети денеска градоначалникот Иван Јорданов. Нема да има прекини на водоводната мрежа, недостаток на вода, намален притисок во високите делови од градот. Овој месец треба да бидат ставени во функција резервоарите Пребег и Мери, а се работи и на секундарната мрежа во населбата Плждино.
„Овој месец резервоарот Мери и резервоарот Пребег ќе бидат ставени во функција. Останува да бидат поврзани со главниот цевковод и некои финални активности кои се предвидени во рамки на самиот проект. Веќе се работи секундарната мрежа во населба Плуждино, која ќе се снабдува од резервоарот Мери со вода за пиење, а резервоарот Пребег ќе овозможи решавање на долгогодишниот проблем кој Штип како град го има со слабиот притисок на високите населби“ – вели Јорданов.
Дополнително во наредните неколку месеци ќе започне со имплементација на СКАДА системот. Со истиот ќе се региулира загубата на вода на 35 точки во градот. Со тоа ЈП Исар ќе има помали финансиски загуби.
„Нашата идеја пред четири години беше да дадеме решенија со кои на долг рок ќе се решат проблемите со водоснабдувањето. Морам да потенцирам освен овие два резервоари во следните месеци ќе се започне со имплементирање на СКАДА систем. На 35 точки во нашиот град ќе се регулира загубата на вода. Освен ова изградбата на новите водоводни мрежи значително ќе ја подобри состојбата со водоводната мрежа“ – додава Јорданов.
Претходниот период се промени голем дел од подземната водоводна мрежа во повеќе населени места во градот. Целта е Штип конечно да го реши проблемот со честите дефекти на водоводните линии, намалениот притисок на вода и загубите на вода.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет