
Засилено полициско присуство пред штипските училишта откако се случи сообраќајната несреќа во која беа повредени две ученички од средното училиште „Коле Нехтенин“ додека преминувале на пешачки премин. Ова беше и барањето на раководството на училиштето, а полициски службеници од СВР Штип деновиве се сѐ почесто пред ова и останатите училишта во градот. Од СВР Штип истакнаа дека и во изминатиов период ги спроведувале акциските контроли, но во следниов период ќе ги интензивираат. Некои од граѓаните гo поздравија овој потег и на социјалните мрежи.
„На подрачјето на СВР Штип полициски службеници постојано спроведуваат засилени акциски контроли за санкционирање на возачите кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната, како и за санкционирање на оние кои не ги пропуштаат пешаците на пешачки премин, односно не ги почитуваат обврските како возачи. Во следниов период ќе ги интензивираме контролите, особено пред основните и средните училишта во Штип.“ – велат од СВР Штип.
Оние кои не ги пропуштаат пешаците на пешачки премин биле санкционирани и во текот на вчерашниот ден, во периодот од 10.00 до 14.00 часот, кога и се спровела ваквата акциска контрола. Една од локациите била и овој дел од булеварот „Гоце Делчев“, пред училиштето „Коле Нехтенин“. Санкционирани биле пет прекршока. За овој период се казнувало и по други основи, односно биле напишани вкупно 38 казни за управување без возачка дозвола или под дејство на алкохол, користење мобилен телефон, непрописно престројување, некористење сигурносен појас. На територија на цела држава, пак, санкционирани биле 62 возачи, кои во периодот додека се спроведувала контролата не ги пропуштиле пешаците на пешачки премин.
Ребека Спасова М-Нет