
Дали катната гаража е дивоградба и зошто фактичката состојба на терен е различна од проектната документација? Овие прашања денеска ги постави директорот на Домот на култура, Горан Трајков, кој повторно реагираше во однос на изградбата на катната гаража која, според него, ја блокира работата на националната установа. Вели, ако правдата не излезе на виделина, ќе постави шатори и ќе ноќева на градилиштето.
„Ова е задниот дел од Домот на културата и тука се руши делот од потпорните ѕидови. Тука е оградното место кое припаѓа на установата за службените влезови. Се гради во делот каде се рушат и потпорните ѕидови. Сѐ додека сме во судски спор треба малку да ги сопреме емоциите и да видиме кој е во право, дали владее закон или беззаконие. Ги повикуваме на разум, а ако продолжи вака, јас сум спремен да поставам шатори и тука да ноќевам“, вели Трајков.
Трајков инсистира на тоа дека додека трае судскиот спор на овој простор на смее да се работи. Меѓутоа, проблемот стигна до полициска интервенција оти градоначалникот, Иван Јорданов, го пријави директорот кој го поставил своето возило на површината на која се гради. Тој е дециден дека ова е политичка опструкција и посочи оти обвинувањата се паушални.
„Жалам што во овој момент е спречен економскиот оператор којшто има обврска да го огради градилиштето и да ја изгради катната гаража. Спречени сме од лице коешто не знам дали е во алкохолизирана состојба, затоа треба да одлучат институциите да направат проверка, паркирајќи го своето возило на оградено градилиште, каде што според Закон не смее да има никој пристап, освен економскиот оператор, којшто ја гради оваа катна гаража. Нема никој да нѐ спречи во намерата да го изградиме Штип, затоа што во интерес на сите граѓани е има катни гаражи. Со паушални обвинувања дека се оштетува туѓ имот, за да изградите нешто, мора да има активности. Не познавам држава во која нешто се гради без да се раскопа“, вели Јорданов.
Препирките во однос на катната гаража помеѓу првиот човек на Општина Штип и директорот на НУ-ЦК „Ацо Шопов“ се провлекуваа месецов, но проблемот ескалираше денеска по прес-конференцијата која ја одржа Трајков.
Ребека Спасова М-Нет