Започнува со реализација експресниот пат Кочани-Виница-Делчево, најави Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски најави почеток на реализацијата на експресниот пат Кочани – Виница – Делчево, проект кој со години бил ветуван. Следната недела ќе биде распишан јавен повик за изработка на физибилити студија и предпроектно решение. Потоа со средства од буџетот и во соработка со меѓународни финансиски институции ќе биде објавен тендер по принцип на жолт ФИДИК.

„Ја користам оваа прилика за да најавам уште еден значаен проект кој што конечно започнува со реализација а тоа е експресниот пат Кочани/Виница/Делчево, следната недела ќе биде распишан јавен повик за изработка на Физибилити студија, на предпроектно решение, со што одпочнуваме со реализација на овој проект, тоа се од прилика процеси од неколку месеци, а потоа со средства од буџетот и во соработка со меѓународни финансиски институции ќе биде објавен тендер по принцип на жолт ФИДИК на овој проект кој што ќе биде многу значаен, кој што е ветуван со години, но еве дојде редот да се реализира.“- Христијан Мицкоски, премиер

Според Мицкоски, станува збор за значаен инфраструктурен проект кој ќе придонесе за подобра поврзаност и развој на источниот регион. Тој истакна дека по долг период на најави, конечно започнува конкретната реализација на овој патен правец.

Дајана Сандева, М-Нет