Ќе се регулираат брзите кредити, агенциите за наплата, казината и обложувалниците, ќе се воведе ред и дисциплина, кажа премиерот Мицкоски

Ќе се регулираат брзите кредити, агенциите за наплата, казината и обложувалниците, кои што никнаа на секој чекор во државата, потврди Христијан Мицкоски во својата изјава. Според премиерот, цели населби биле преплавени со светлечки реклами и објекти за игри на среќа, што, како што рече, носат сериозни семејни проблеми и долгови. Новиот закон треба да стави ред во оваа област и да стави крај на агресивното рекламирање кое со години ги привлекуваше граѓаните. Останува да се види дали ова навистина ќе значи крај на коцкарската експанзија во Македонија.

,,Имаме чувство дека државата полека, но сигурно наликуваше на Лас Вегас. Буквално на секој чекор гледавме дукани во кои што со силни светлички реклами се рекламира овој тип на игри на среќи, пред се мислам на казината и коцкањето и некако како по правило, до нив имате веднаш канцеларија за брзи кредити. Потоа веднаш до нив имате заложувалница и т.н Тоа е некако еден систем кој што мораме да го регулираме и цениме дека претставува систем кој што за жал е причина за многу семејни несреќи. Со овој закон се регулира оваа дејност, повеќе нема да има таков тип на реклами, кои што привлекуваат внимание. Во некои места дури цели маала имаше по неколку казина и тоа не личеше на ништо. Со овој закон, свесни и за последиците и за фискалниот ефект, но ние цениме дека со овој закон мора да се стави ред и дисциплина во игрите на срежа и не може државата на наликува на Лас Вегас.“, кажа Мицкоски

Христијан Мицкоски вели дека Владата не може целосно да се усогласи со сопствениците на казина и обложувалници, бидејќи, како што кажа, тие имаат свој интерес.

,,Нормално е дека ние не можеме да се усогласиме 100 проценти со оние кои што нормално се дел од тој бизнис во моментот, бидејќи тие имаат свој интерес. Ние го штитиме интересот на државата и граѓаните. Не мислам дека ќе има нелегални приредувања на игри на среќа и не мислам дека ќе се изгубат работни места, едноставно се става дисциплина и поинаков лик и прецепција ќе имаат македонските граѓани.

Дополнително, прашан дали ќе има регулација и за агенциите за наплата на долгови, кои имаат сопствени агенти за наплата, Христијан Мицкоски категорично одговори — да.

Очекувањата се со новите решенија да се воспостави поголем ред и контрола во работењето на овие компании. Според Мицкоски, целта е да се заштитат граѓаните и да се спречат можни злоупотреби во наплатата на долгови.

Иван Митев, М-Нет