Желба до Дедо Мраз имаат штипските пензионери – функционерите да земаат плати колку нивните пензии

Ваучерите од новиот пакет антикризни мерки се социјална помош, а пензионерите не се социјалци, туку сакаат достојни пензии за вложениот труд, го кренаа и денес гласот штипските пензионери. Иницијативниот одбор не е задоволен од исходот на Работната група. Иако е рано, вели претседателката, Соња Арсовска, нивната желба до Дедо Мраз е функционерите да имаат плата во висина на нивните пензии.

„Дали треба да ги искористиме и така здрави, при здрав разум, неизлапени, несенилни, на 8 мај да излеземе сите и да заокружиме на кој ќе го дадеме својот глас. Размислете, со овие пари, со овие средства тоа е само поткуп предизборен за да добијат глас повеќе од големата гласачка машинерија 336.000 пензионери. Ова е размислувањето на пензионерите, ама при очи не сме слепи“, вели Соња Арсовска, претседателка на Иницијативен одбор на пензионери – Штип.

Менделеев побргу го направи Периодичниот систем на елементите отколку што беа донесени ваквите мерки. И покрај тоа што долго чекале, на крај тоа било за ништо, вели Арсовска. Посочи и дека не е запозната, ниту се поканети на средбата која денеска премиерот Ковачевски и министерката Тренчевска ја одржуваат со пензионерите.

„Не сум запозната. Како што таа кажа дека ќе има претставници од пензионерите во тие работни групи, а немаше ништо од тоа. Тие таму си решаваа и мислам дека Менделеев побрзо го направи Периодичниот систем на елементите отколку што тие одлучија, а еве ја нивната одлука“, додава Арсовска.

Штипските пензионери уште еднаш го потврдија барањето за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари. Посочија дека нема да прифатат алтернатива и ќе одат до крај.

Пензионерите на 5 декември заминуваат во Скопје, прво пред Собранието, а потоа ќе се упатат и до просториите на Здружението на пензионери. Арсовска се надева дека актуелната претседателка ќе ги удостои со средба, а не како претходниот пат да затекнат кордон полиција.

Ребека Спасова М-Нет