
Основното училиште „Тошо Арсов“ е уште едно во низата штипски училишта кое има своја сензорна соба. Денеска и официјално таа беше пуштена во употреба, а на иницијатива на засегнати родители. Една од нив, Александра Андонова, која е и главната иницијаторка, вели дека ним им е особено драго што нивните деца ќе имаат мир и услови за инклузија во образовниот процес како и останатите редовни ученици.
„Се надевам дека понатаму ќе се надополни оваа сензорна соба со компјутери на коишто ќе работат децата, нагледни средства за развивање на моториката, други дидактички средства, како и вработени, дефектолози, логопеди кои ќе работат со нашите деца“, вели Александра Андонова, родител-иницијатор на проектот.
Директорот на училиштето, Коце Харизанов, потврдува дека ова ќе овозможи подобри услови за едукација на учениците со посебни образовни потреби, но и за работа на нивните образовни асистенти.
„Наше беше да обезбедиме услови за да може да се реконструира собата, а останатото, сите тие елементи кои се потребни се од заедницата и Локалната самоуправа. Голема благодарност што нашите дечиња ќе се релаксираат во оваа сензорна соба, а ќе им помогнат образовните асистенти“, вели директорот Харизанов.
Ваквите решенија на проблемите во заедницата создаваат инклузивност во основното образование. Штип веќе работи на таа проблематика со тоа што од пет основни училишта, сензорна соба има отворено во четири. Единствено Основното училиште „Славејко Арсов“ засега е без сензорна соба.
„Се реконструираше просторијата и тоалетот во истата, се обезбедија нагледни средства за да можат овие деца да поминуваат дел од денот кога се во училиште. Ние постојано ги детектираме проблемите и потребите на граѓаните, но во исто време работиме и посебно со младите, детектираме и поспецифични работи и се обидуваме да најдеме решенија“, вели Невенка Лонгурова-Гирова од Фондацијата за развој на локалната заедница.
Проектот е финансиран од Општина Штип, која придонесе со 250.000 денари, и Фондот за развој на локалната заедница, од каде преку Програмата „Направи разлика“ се обезбедени 280.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет