Детската градинка „Астибо“ во Штип и Ново Село – дел од проектите за реализација меѓу Македонија и Бугарија

Утринава во посета на Штип беше Амбасадорот на Бугарија во државава, неговата ексиленција Ангел Ангелов. На средба со градоначалникот Иван Јорданов разговараа за проектите кои до сега се реализирани заеднички со прекуграничната соработка, но истовремено и за проектите кои ќе се реализираат во иднина. На списокот се најдоа детската градинка „Астибо“, штипско Ново Село итн.

„На мое огромно задоволство, од тоа што го добив како информација, веќе се работи на еден проект за донација од страна на бугарската амбасада во една од детските градинки во Штип, во детската градинка „Астибо“. Исто така, ги разгледавме и можностите за идни проекти и за идна соработка којашто ќе значи развој на нашиот град. Знаете дека Штип е град којшто во минатото имал, но и во иднина ќе има релации со Република Бугарија, заедничка соработка. Ја начнавме темата за обнова, реставрација на историското Ново Село, можност за спојување на двата народа и можност за идна соработка од делот на туризмот, културното наследство и економијата“, истакна Јорданов.

Чест и задоволство преставуваше и за Ангелов што се запозна со новиот градоначалник на Општина Штип. Тој истакна дека по изборите ова е прва посета во Македонија и прво запознавање со некој градоначалник.

„Со Јорданов имаме доста проекти на коишто ќе работиме, детската градинка „Астибо“ и низа други проекти со кои ќе продолжиме напред. Најважен е проектот на мојата сопруга, Билјана Ангелова, кој е „Стоп на домашното насилство“’ и централната манифестација ќе биде на 12.12. во 12 часот во центарот на Скопје, но сите градови и општини во Македонија се поканети да учествуваат и тука му благодарам на градоначалникот што и Штип ќе се вклучи во таа иницијатива“, истакна Ангелов.

Донацијата за детската градинка „Астибо“ во Штип е со вредност од 35 илјади евра, а предвидено е да се реконструира дворот и просторот за игра на децата.

Лаура Стојанова М-Нет