Три починати ковид – лица во штипската болница, во Кочани сите хоспитализирани се невакцинирани

Намален бројот на хоспиталзирани ковид – пациенти во штипската болница, ама како последица од коронавирусот животот го загубиле три лица, едно од Кочани на 55 годишна возраст, и две од Штип на 78 и 82 годишна возраст. Во последните 24 часа новопримени се шест пациента, испишани двајца. Со ова бројот на хоспитализирани е 39 и сите се на Инфективното одделение, односно Кожното одделение од вчера е испразнето. Меѓутоа, 36 пациенти од хоспитализираните имаат потреба од кислородна поддршка и се приклучени на апарати за дишење. Вакцинирани се 13 лица, а бројот на слободни ковид – кревети е 31, од кои 21 на Инфективното одделение и 10 на Кожното, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Намален е бројот на хоспитализирани ковид – пациенти и во кочанската болница. На болничко лекување се шест пациенти, сите невакцинирани, а од нив двајца се на кислородна поддршка. Слободни се 21 кревет, информираат од болницата.

Во општините од Истокот моментално активни се 730 ковид – случаи, најмногу во Кочани – 182, во Штип – 164 и во Делчево – 139. Во останатите општини од Истокот бројката е двоцифрена вклучувајќи го и Пехчево каде има активни 11 ковид – случаи.

Според информации од Министерството за здравство, заклучно со вчера, во земјата се направени вкупно 1.474.094 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 215.995, бројот на оздравени пациенти е 200.293, на починати е 7.592, а бројот на активни случаи изнесува 8.110.

Лаура Стојанова М-Нет