Дерби на Југот, радовишани на тест во Македонска Каменица, Охрид домаќин на Арсими

ФОТО: Александар Ванев, Телевизија М Нет

Овој викенд на програмата ќе бидат натпреварите од 2. коло од Втората македонска фудбалска лига, кое ќе биде отворено во сабота со седум натпревари, а ќе се комплетира в недела со мечот меѓу Башкими и Македонија ЃП.

Дербито на Југот се игра во Богданци меѓу Вардарски и Кожуф, две екипи кои сезоната ја стартуваа со по еден освоен бод, дерби кое ќе го исполни во целост Градскиот стадион во Богданци, а се очекува огромен број на публиката, поради што натпреварот е од висок ризик. Дерби за три бодови, за докажување, за публиката и за престиж. После 27 години Богданци ќе следи второлигашки фудбал, а на стартот на оваа деби за нив победата е голем императив против Кожуф.

Овој натпревар ексклузивно ќе може да го проследите само на телевизија М Нет.

Новаци приреди вистинска сензација откако го скроти Детонит Плачковица и го совлада во Радовиш откако му постигна и четири погодоци, а сега максимално мотивиран Новаци сака да го земи скалпот и на ланскиот прволигаш Брегалница, која пак мисијата за враќање во Прва лига ја започна со триумф над Победа во Штип. Триумфот на Новаци над Детонит Плачковица во Радовиш е повеќе од јасен сигнал за претпазливот за „сините“, во за нив неизвесно гостување.

Охрид на домашен терен против Арсими ќе бара три бодови и победа, откако сезоната ја започна со пораз од „лавовите“ во Ѓорче, а пак Арсими убедливо ја стартуваше сезоната и сака втора победа во низа.

Осогово ќе бара триумф и три бодови против Скопје, откако „жетварите“ стартуваа со пораз на домашен терен од Вардар Неготино, а сега имаат нова шанса и тоа одново на домашен терен. Екс прволигашот Скопје во Кочани доаѓа по три бодови.

Победа и Борец сезоната ја отворија со порази, па во Прилеп ќе играат за први бодови. Победа лани преку бараж остана во Втора лига, а Борец преку бараж се врати во Втора лига, соочување на два фудбалски бренда, кои во новата сезона имаат за цел да бидат стабилни второлигаши и да го обезбедат директниот опстанок.

Вардар Неготино со триумф ја отвори сезоната во која влегува со изменет лик и млади фудбалери, а против Беласица ќе бара нова победа, а од друга страна струмичката фудбалска гордост по големиот пораз од Арсими во Неготино доаѓа да го поправи лошиот впечаток.

Колото ќе се комплетира в недела со мечот меѓу Башкими и Македонија ЃП, во меч каде трите бодови ќе бидат силен императив. Башкими има отворени амбиции за Прва лига, а Македонија ЃП сака три бода со цел втора победа во низа на патот кон враќање во Првата лига. Овој меч исто така ќе може да го проследите на телевизија М Нет, в недела од 16 часот.

Александар Ванев, М-Нет