
Споредено со истиот период од минатата година, бројот на баратели на минимална социјална парична помош е двојно зголемен, констатираат вработените во општинскиот центар за социјални работи. Ова е очекувана реакција по губењето на работните места на мнозинство грагани од Штип.
Центарот за Труд и Социјална политика е првата дестинација на која се обраќаат лицата кои се затекнати со беспарица. Колкава е бројката на лица кои за последните шест месеци го изгубиле своето работно место, засега не прецизираат од општинскиот Завод за вработување чии врати во целост се затворени за невработените лица и останатите посетители. „Сите активни баратели на работа немаат должност секој месец да се пријавуваат во заводот за вработување“ оваа порака јасно е испишана на влезната врата на оваа институција. Поради можност од ширење на заразата со Ковид 19 по наредба на соодветното министерство од заводот за вработување нагласуваат дека, никој од активните баратели на работа нема да биде санкциониран доколку не доага и не се пријавува редовно како невработен. Центарот за социјални грижи ги прифаќа сите невработени и право на гарантирана минимална помош може да оствари домаќинство во кое на некој член работен однос му престанал спогодбено. Ова впрочем стои и во најновата уредба со законска сила со која се амортизираат строгите правила и се отвораат поголеми можности за користење на парични средства.
Маре Стојилова, Мнет