Годишната инфлација во Еврозоната, според прелиминарната „кратка“ проценка, се зголеми од септемвриските 3,8 проценти на четири проценти, така што сега е на највисоко ниво во последните три години, објави денес „Евростат“.
Најголемиот придонес за растот на цените сè уште доаѓа од енергијата, чии цени во октомври беа за 20,8 проценти повисоки од претходната година, по зголемувањето од 18,9 проценти во септември.
Инфлацијата во секторот на услуги во Еврозоната се забрза од 3,2 проценти на годишно ниво на 3,3 проценти, цените на храната, алкохолот и тутунот од 1,3 проценти на 1,6 проценти, а цените на индустриските производи без енергија од 1,1 процент на 1,2 проценти, пренесува Танјуг.
Годишната базична инфлација во Еврозоната, која ги исклучува енергијата, храната, алкохолот и тутунот, е 2,5 проценти, исто како и во септември.
Меѓу најголемите економии на Еврозоната, инфлацијата мерена според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP) се забрза во Франција, од септемвриските 3,4 проценти на 3,8 проценти, во Италија од 4,2 проценти на 5,6 проценти и во Холандија, од три проценти на 3,3 проценти, според Евростат на нејзината веб-страница.
Спротивно на тоа, инфлацијата во Германија се забави од 3,3 проценти на 2,8 проценти, а во Шпанија од пет проценти на 4,9 проценти.
Текстот Годишната инфлација во Еврозоната се искачи на четири проценти во октомври е превземен од МАКФАКС.