Две промени во составот на одбојкарската репрезентација за турнирот во Хрватска

Турнирот во Белгија ги зголеми амбициите на македонските одбојкари во Европската златна лига. Пласманот во неа не е најзначаен иако секој резултат може да донесе придобивки, но спортски е да се посакува уште некоја победа во оваа репрезентативна активност. По натпреварите во Белгија, нашиот национален тим ќе патува во Хрватска за последните два натпревара од годинашното издание на најсилното натпреварување на ЦЕВ. Утре во Осиек ќе играме со домаќиниот Хрватска, а еден ден подоцна односно во сабота со Шпанија.

За разлика од настапите во Беверен, во состав на нашата репрезентација ќе има две промени. Тоше Ефремов и дебитантот Кристијан Илиев ќе ги заземат позициите на Ангел Бошков и на Стојче Арсов.

Селекторот Хари Наковски сака да им даде шанса на сите играчи коишто беа дел од овој едномесечен репрезентативен термин во којшто Македонија создава игра за најважните натпревари во оваа календарска година, а тоа се квалификациските пресметки со Грузија и со Грција во август.

Александар Ванев, М-Нет