
Македонската музичка сцена остана без едно од своите најголеми имиња – Владо Јаневски. По кратко боледување, тој почина на 66-годишна возраст во болница во Скопје. Со неговото заминување, Македонија изгуби уметник кој повеќе од три децении беше симбол на квалитетната поп-музика. Зад себе остави бројни безвременски хитови кои и денес ги пеат различни генерации. Неговиот препознатлив вокал, искрените текстови и авторскиот печат оставија длабока трага во македонската музичка култура. Сите кои сакаат да му оддадат последна почит ќе можат да се збогуваат со него во капелата на Градските гробишта во Бутел, во среда од 10 до 11 часот, по што ќе следи погребот на гробиштата во Бутел.
Министерството за култура и туризам изрази длабоко жалење по повод смртта на Владо Јаневски, истакнувајќи дека тој беше еден од најзначајните македонски музички автори и изведувачи. Во соопштението се нагласува дека неговото творештво претставува трајна вредност за македонската музика. Министерството потсети и на неговата улога како прв претставник на независна Македонија на Евровизија. На крајот, беше изразено искрено сочувство до неговото семејство, колегите и сите почитувачи на неговото дело.
Дајана Сандева, М-Нет