Во Штип стабилизирано водоснабдувањето, во Кочани и Берово зголемена потрошувачка нема

Во Штип регулирана состојбата со енормната потрошувачка на вода, во Кочани и Берово досега од рестрикции потреба нема. По последните апели на директорот Коцев за рационално користење на водата, а со намалувањето на дневните температури, тој истакна дека трошењето вода конечно е на стабилно ниво.

„Веќе имаме сосема друга ситуација, малку сме порелаксирани. Сега гледате дека нема ни толку дефекти на самите водоводни линии, бидејќи нема прекинување на водоснабдувањето, па нагло зголемување на притисокот. Веќе имаме една нормална ситуација и се надевам дека после 15 септември со вклучувањето на ХС „Злетовица“ Штип наредните 30 – 40 години ќе нема никакви проблеми со водоснабдување“, рече Коцев.

За разлика од Штип, Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекески, веќе истакна дека потреба од прекини во водоснабдувањето ниту имало, ниту во моментов има. Вода има и истата се користи рационално, а ситуацијата била таква во текот на целото лето.

Како што рече директорот на КПЈ „Водовод“, Андреј Киров, ситуацијата е подеднакво иста и во Кочани. Количеството излез на вода од резервоарите не го надминувало количеството влез во истите. Ситуацијата со водоснабдувањето била стабилна во последниве три месеца, дури и во периодот на високи температури.

Согласно ваквата состојба со овие градови, во Штип во неколку наврати и Градоначалникот Николов и директорот Коцев испраќаа апели до граѓаните, додека во Берово и Кочани немаше потреба од такво нешто.

Ребека Спасова МНет