Во село Таринци ќе се гради нов резервоар за водоснабдување на три населени места

Во карбинското село Таринци ќе се гради нов резервоар за вода, а со тоа и цевковод во должина од 1100 метри. Со ова три населени места ќе бидат одвоени во однос на системот за водоснабдување и нема да се соочуваат со проблеми во летниот период. Градоначалникот, Виктор Паунов, очекува проектот да се заврши најдоцна до крајот на пролетниот период.

„Жителите од овие населени места, Таринци, Долни Балван и Нов Караорман, ќе добијат чиста, квалитетна вода за пиење, пред сè во делот на квантитетот, каде што имавме и проблем во текот на летниот период. Отсега па натаму се надевам дека со овој проект ќе ги решиме овие проблеми и ќе имаме едно лето во кое сите ќе имаат доволен пристап, односно доволен квантитет на вода“, истакна градоначалникот Паунов.

Проектот се спроведува заедно со Министерството за транспорт и врски. На воведот во работата на предвидената локација присуствуваше и државниот секретар, Митко Трајчулески, кој истакна дека посветуваат големо внимание за реализација на комуналните проекти.

„Денеска сум во Карбинци каде извршивме вовед во работата на градежната компанија за изградба на споен цевковод од резервоар до постојниот цевковод во село Таринци и изградба на нов резервоар со капацитет од 200 м3. Морам да потенцирам дека ова е значаен ден за жителите на Таринци, бидејќи со оваа инвестиција решаваме еден голем проблем на локалното население“, истакна државниот секретар во Министерството за транспорт и врски, Митко Трајчулески.

Трајчулески додаде дека преку Министерството за транспорт и врски се изградени две фекални канализациони мрежи во Козјак и Нов Караорман, а во следниот период ќе се работи и на локалниот пат с. Таринци – с. Долни Балван.

„Општина Карбинци добива значајна поддршка од Владата преку Министерството за транспорт и врски. Би сакал да најавам дека во овој момент е активна тендерска постапка за избор на изведувач за изградба на локален пат с. Таринци – с. Долни Балван, уште еден проект за оваа општина. Продолжуваме со соработката со локалните самоуправи, бидејќи подобрувањето на животниот стандард и решавањето на проблемите на граѓаните се наши приоритети“, додаде Трајчулески.

Проектот за нов резервоар и цевковод во Таринци е со финансиска вредност од 8,6 милиони денари, од кои 7,2 се преку Министерството, а 1,4 милиони денари преку Буџетот на Општина Карбинци.

Ребека Спасова М-Нет