Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се обрати на Бизнис-форумот меѓу Македонија и Индија, каде што го претстави предлог-проектот за унапредување на Централниот регистар на население, за чија реализација е предложена поддршка од Фондот за развојно партнерство Индија–Обединети нации (India-UN Development Partnership Fund).
Во присуство на претседателката на Република Индија и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Андоновски истакна дека проектот претставува конкретен и перспективен прв чекор кон продлабочување на дигиталната и економската соработка меѓу двете земји.
„Целта е практична и насочена кон граѓаните – доверливите и точни податоци да ги претвориме во подобри одлуки и поквалитетни јавни услуги. Централниот регистар на население веќе претставува основа за сигурни дигитални услуги и проверка на идентитетот, а со неговото унапредување ќе создадеме уште поефикасен и поповрзан систем“, нагласи Андоновски.
Предлог-проектот предвидува поврзување на клучните матични евиденции, подобрување на квалитетот на податоците со примена на вештачка интелигенција и развој на аналитички алатки за креирање политики засновани на податоци и докази. Примената на новите технологии ќе се спроведува со институционална проверка и задолжителен човечки надзор.
Со реализацијата на проектот се очекуваат побрзи и поквалитетни услуги за граѓаните и компаниите, помалку административни постапки и подобро насочување на јавните инвестиции.
„Компаниите не треба да бидат курири меѓу институциите. Податоците треба да се движат, а не граѓаните и бизнисите. Токму затоа, унапредувањето на Централниот регистар на население е значајно за изградбата на ефикасни, сигурни и целосно дигитални јавни услуги“, порача министерот.
Андоновски посочи дека Индија, со своето искуство во развојот на дигиталната јавна инфраструктура и системите како Aadhaar, DigiLocker, UPI и India Stack, претставува исклучителен партнер за Македонија. Истовремено, Македонија може да биде посветен европски партнер и регионален пример за приспособување на индиската експертиза кон потребите на помала земја, во согласност со европските стандарди.
Министерот ги повика индиските компании, инвеститори, универзитети и истражувачки центри да воспостават партнерства со Македонија во областите на дигиталните јавни услуги, вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста, финансиските технологии, облачните решенија и дигиталните вештини.
„Да изградиме дигитален и економски мост по кој слободно ќе се движат знаењето, инвестициите, технологијата и идеите. Растојанието меѓу Македонија и Индија да не го мериме во километри, туку преку силата на нашата соработка и резултатите што заеднички ги постигнуваме“, заклучи Андоновски.
Текстот Андоновски: Со поддршка од Фондот за развојно партнерство Индија–ОН ќе го унапредуваме Централниот регистар на население е превземен од МАКФАКС.