И по четири месеца нема обвинение за убиецот кој на свиреп начин ја усмрти 46-годишната кочанчанка

И по четири месеца од свирепото убиство на 46-годишната кочанчанка, предметот сѐ уште е во предистражна постапка. Поранешниот партнер нејзе ја усмрти со 40 убоди од нож пред нејзината куќа, но за него сѐ уште нема обвинение. Претседателката на кочанскиот Основен суд вели дека предметот е во истрага и тие како институција немаат добиено обвинение за случајот. Од Обвинителството, пак, кратко известија дека истрагата е во тек, не откривајќи други детали.

Свирепото убиство се случи на 25 септември минатата година, кога убиецот во раните утрински часови ја начекал жртвата пред да замине на работа и ја лишил од слобода со кујнски нож нанесувајќи ѝ 40 убоди во градите, стомакот, вратот и рацете. 59-годишниот маж по убиството ја почекал полицијата и се предал.

И додека за ваквиот случај нема обвинение, институциите бележат бројка од над 1000 случаи на семејно насилство за девет месеца од минатата година. Најактуелно е психичкото, но и најмалку забележително и тешко се докажува, вели министерката за труд и социјала, Тренчевска.

„1166 е бројот за 2023 година од јануари до септември. Сега ги прибираме податоците за цела година, вклучувајќи го и периодот од септември до декември. Да, најголем дел, 708 случаи пријавиле психолошко насилство, за разлика од претходно, кога најчест вид на насилство беше физичкото насилство. Сега предничи психолошкото насилство, коешто тешко се докажува, нема видливи траги освен опаѓање на менталното здравје и на психичкото здравје на луѓето. Тука е и психичкото вознемирување, постојано префрлување на партнерка, сопруга итн.“, вели Тренчевска.

Агонијата на жртвата од Кочани траела седум години. Таа живеела со закани и била уценувана од претходниот партнер со наводно компромитирачки фотографии. Иако во април минатата година го пријавила, сепак нејзината пријава не била сфатена серизно. Тогаш од ОЈО посочија дека била уценувана во врска со кредит, но дека немало закани по нејзиниот живот и загрозување на сигурноста.

Во периодот од 2017 до 2020 година во Македонија биле убиени 22 жени од страна на своите насилни партнери. Во 2023 година за само еден месец беа убиени три жени. Најновите статистки на ООН покажуваат дека секоја трета жена барем еднаш во животот доживеала некоја форма на семејно родово базирано насилство.

Ребека Спасова М-Нет