
Поплавени подруми, уништена покуќнина, автомобили кои повеќе не можат ни да се користат, разрушени и испукани улици – Делчево се опоравува по вчерашното силно невреме. Водата од утринава се испумпуваше од подрумите и дворовите, но зад себе остави огромни штети. Жителите со загриженост раскажуваа за тоа како вчера попладне со сите сили се обидувале да спасат барем нешто, ама речиси никој не успеал во тоа.

Најстрашно, според делчевчани, е што се повторува минатогодишната слика. Посочуваат дека во тој дел од градот не е решен проблемот со атмосферската канализација.
На терен беше и градоначалникот на Општината, Горан Трајковски, кој во однос на проблемот посочи дека нема таква атмосферска канализација која би можела да ги собере атмосферските води по врнежи од ваков размер. Апел испрати и до граѓаните, велејќи дека од некои ендеци извадиле и телевизори, фрижидери и пластични гајби, што е до самата свест на луѓето.
„Ние во Делчево преку 80 – 90% имаме поставено атмосферска канализација, со цевки од Ф1000, ова инженерите го разбираат, но врнежите коишто се случија во текот на вчерашниот ден, нема таков атмосферски систем којшто може тие врнежи да ги собере. Не е тоа само вода, во канализациониот систем навлегуваат лисја, камења, кал, коишто го затнуваат тој систем“, вели Трајковски.
Вчера надлежните испратија и известување до граѓаните да не ја пијат водата од водоводниот систем со цел претпазливост, но денес Трајковски истакна дека е безбедна за пиење. Вчера попладне, за околу час и половина во Делчево имаше врнежи од дожд и град, кои поплавија повеќе од 60 објекти во населбата Пролет и на улица „Илинденска“. Испумпување на вода од поплавените објекти вршеа ТППЕ Делчево и ЈП Брегалница, а помогнаа и екипи од околните општини, како Кочани, Виница, Берово и Пехчево. Поголем дел од градот остана и без електрична енергија.
Ребека Спасова М-Нет